1948-2008
За време на шеесетгодишното постоење фабриката „Карпош” се трансформираше од мала работилница со скромен производен потенцијал, која произведуваше цевки и рабници, во водечка компанија за производство на монтажни елементи и за изградба на објекти во градежната индустрија на нашата земја.
Развојот се базираше на три основни принципи: специјализирани производи, постојана модернизација усвојувајќи нови технологии и квалитетни истражувања. Развојот беше поддржан и со давање техничка помош, постојано усовршување на кадрите и со ефикасна логистика. Растежот, со целосно почитување на човековата средина, е сè подинамичен во последните години. Денес фабриката „Карпош” е име кое е познато во Република Македонија и може да се соочи со предизвиците на новиот милениум.
Специјалисти во градежната индустрија
Влегувајќи во светот на фабриката „Карпош”, влегуваме во реалноста на една група која е концентрирана на пазарот на производство на бетонски и на армиранобетонски елементи за градежната индустрија, на проектирање и на изградба на објекти користејќи го монтажниот начин на нивно градење.
Фабриката „Карпош” е производител на елементи за урбана опрема почнувајќи од бетонски декоративни плочи со различни димензии за уредување партери, тротоари, паркинзи, па сè до сложени монтажни конструктивни елементи за изведба на различни видови објекти. Освен тоа, фабриката „Карпош” е специјализирана за проектирање и за производство на монтажни конструктивни елементи за изградба на крупнопанелни згради, семејни куќи, индустриски објекти, армиранобетонски мостови, ПТТ-столбови, далноводи и трафостаници, вибропресувани цевки и шахти, центрифугирани шипови, железнички прагови од преднапрегнат бетон, бетонска галантерија, како и изработка на бетонски и армиранобетонски елементи по порачка.
Денес фабриката „Карпош” е организација која може да им понуди на инвеститорите проекти, монтажни конструктивни елементи, техничка подготовка и изведба која подразбира висока технологија, квалитет и прифатлива цена. Фабриката „Карпош” има добиено сертификат за квалитет ИСО 9001 со кој се потврдува коректноста во водењето на работата. Особено таа е организација каде што се изнаоѓаат одредени решенија за соодветни градежни проблеми за да се реализираат специфичните барања на секој клиент.
Индустриски корени
Во далечната 1948 година, во населбата Ѓорче Петров, со решение бр. 1334 на Владата на Република Македонија беше основана мала организација од републичко значење. Регистрирана е како правно лице со основна дејност проектирање, производство и монтажа на бетонски префабрикати, станови, индустриски објекти, мостови и далноводи.
На почетокот се занимаваше со производство на бетонски префабрикати за забрзана изградба на разрушената земја по Втората светска војна.
Следниот развој на фабриката е по катастрофалниот земјотрес во Скопје 1963 година, кога заради потребата од изградба на голем број станови се започна со изградба на монтажни крупнопанелни згради со приземје, четири ката и потпокрив / П+4+Пк /.
Погонот за производство на монтажни крупнопанелни згради, проектирање и технологија е добиен со помош на Владата на Русија (поранешен СССР) за разрушеното Скопје.
Тогаш се реализираше почетната идеја да се почне со изградба на објекти врз основа на монтажниот начин на градење, користејќи ја шансата да се понудат нови стандардни и нови производи. Ова е почеток кој ја одведе фабриката „Карпош” во авантура на дизајн и производство на други видови на монтажни елементи за изградба на семејни куќи, индустриски објекти, магацини и мостови, нудејќи огромна можност инвеститорите да ја реализираат својата замисла.
Оттогаш, па сè до денес фабриката „Карпош” постојано го проширува својот асортиман на производи од бетон и од армиранбетон за градежништвото, постепено подобрувајќи ги производите благодарение на своите стручни кадри, усвојувањето на нови современи технологии на производство и соработката со Градежниот факултет и со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.
Денес фабриката „Капрош” има јасна стратегија за воспоставување тотална конкурентност на пазарот базирана на технологијата и на маркетингот почитувајќи ги безбедносните принципи за заштита на човековата средина и на опремата.
Асортиман на производи:
- монтажни крупнопанелни згради;
- мали монтажни објекти;
- монтажни индустриски објекти;
- далноводи;
- трафостаници;
- вибропресувани, бетонски и армиранобетонски цевки и шахти;
- монтажни армиранобетонски мостови;
- бетонска галантерија;